Рустемовски ја доби бронзата, Македонија ќе го дочека како шампион!

По европското злато за боксери до 23 години, најдобриот македонски боксер, Ален Рустемовски освои уште еден медал. Битолчанецот од Медитеранските игри во Таранто се враќа со бронза.

Рустемовски не успеа да се пласира во големото финале, откако во израмнета борба во сите три рунди загуби од Шпанецот Ернандез со одлука на судиите од 4-1. Со тоа, македонскиот боксер настапот на Медитеранските игри го завршува со место на пиедесталот и бронзен медал.

Од македонската делегација сметаат дека Рустемовски бил оштетен со судиските одлуки и затоа веднаш по мечот било реагирано и поднесено официјалното барање за разгледување на одлуката. Барањето беше прифатено, но одлуката не се менуваше.

Медалот му го додели претседателот на Македонскиот Олимписки Комитет (МОК), Даниел Димевски.