Руското чудо од дете падна на допинг тест, одлука за медалите сè уште нема

Во вторникот заврши натпреварувањето во екипна конкуренција во уметничко лизгање, но златниот медал не беше доделен, поради правни проблеми околу допинг тестот на една од натпреварувачките од Русија, која што освои злато.

Ден подоцна пристигна објаснување - чудото на дете Камила Валијева на тестот направен пред пристигнувањето во Пекинг било позитивно на недозволен лек за срце, триметадизин. Веста ја објави рускиот весник „РБЦ“. Лекот се користи за ангина пекторис, болка во градите предизвикана од коронарна артериска болест.

Целата ситуација околу младата спортистка го загрозува златниот медал, но сè уште нема одлука за конечниот распоред и евентуално одземање на медалот за рускиот тим.

Не е јасно дали Олимпискиот комитет на Русија поднел некаква жалба, но Валијева уште тренира во Олимпиското село, а Руската федерација за уметничко лизгање само потврди дека таа не е суспендирана.

Ситуацијата не е едноставна. Според Светскиот антидопинг кодекс, Валијева е „заштитена личност“, бидејќи сè уште не наполнила шеснаесет години. Сега на овој случај ќе работат неколку правни тимови, пред да биде донесена конечната пресуда за Русинката.