Рељиќ и Ивановски ќе го веат македонското знаме на отворањето на ЛОИ во Париз

На четири дена до почетокот на Летните Олимписки Игри во Париз, Македонскиот Олимписки Комитет (МОК) одржа прес-конференција, на која меѓу другото беше откриено кои наши спортисти ќе го носат знамето на свеченото отворање.

Знаменосци на македонската делегација ќе бидат маратонецот и нашиот најдобар атлетичар Дарио Ивановски и теквондистката Милијана Рељиќ.

Македонската делегација на Игрите во Франција ќе брои шест членови. Првично требаше да имаме седум спортисти во Париз, но поради здравствени причини пливачката Ива Петровска беше приморана да го откаже својот настап. 

Покрај знаменосците, нашиот спорт во Франција ќе го претставуваат уште пливачот Ѓуретановиќ, Анастасија Мојсовска во дисциплината спортско стрелаштво, џудистот Шерифовски и борачот Егоров. Покрај спортистите, Македонија на ЛОИ ќе ја претставуваат и судиите Ѓорѓи Начевски и Славе Николов (ракомет), Иван Михајловски (триатлон) и Анета Павловска (тенис).

Свеченото отворање на најголемиот спортски настан оваа година е закажан за в петок, со почеток од 20:30 часот.