Првиот човек на ИОК му го честиташе новиот мандат на Даниел Димевски на чело на МОК

Првиот човек на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), Томас Бах, му го честиташе новиот мандат на претседател на Македонскиот олимписки комитет Даниел Димевски.

Во честитката Бах наведе дека Македонскиот Олимписки Комитет (МОК) под водство на Димевски очекува да ја продолжи својата плодна соработка и останува целосно на располагање да продолжи да го поддржува и помага Македонскиот Олимписки Комитет (МОК) во извршувањето на мисијата и секојдневните активности во интерес на Олимпиското движење и спортистите.

За изборот на Димевски, на непосредни избори со тајно гласање, во максимално фер и демократска постапка за претседател на МОК гласаа националните спортски федерации и истакнати македонски спортски имиња, кои се делегати на изборното собрание. Со својот глас, тие ѝ дадоа поддршка на програмата за работа што Димевски ја презентираше јавно кога ја поднесе својата кандидатура за претседател на МОК и која всушност е најобемната и најдеталната програма за работа што досега ја имала националната олимписка организација. 

Програмата се темели на дванаесет столбови кои, меѓу другото, предвидуваат нови големи инвестиции во нова спортска инфраструктура, што и досега беше еден од главните приоритети во работењето на Македонскиот Олимписки Комитет. Исто така, програмата за работа за 2024-2028 година предвидува и бројни бенефиции за спортистите и националните спортски федерации, како и уште поголема независност, автономија и независен модел на финансирање на спортските организации и националните спортски федерации, според одредбите на Олимписката повелба. За реализација на проектите кои Димевски ги наведе во програмата веќе обезбеди финансиска конструкција за време на досегашниот мандат.