• Саше Љолес

Градоначалничката на Париз, Ан Идалго, реши да ја испроба водата во реката Сена, на која ќе се одржат многу натпреварувања на претстојните Олимписки игри.
Првата градска дама заедно со своите помошници се искапе во Сена, а потоа изјави дека чистотата на водата е одлична.
„Водата е малку студена, но е одлична за капење. Работевме на подобрување на чистотата и мислам дека успеавме во тоа. Натпреварувачите немаат за што да се грижат, ќе имаат идеални услови за пливање“, рече Идалго.
Досега беа извршени над десет тестирања на водата и беа инсталирани дополнителни филтри за прочистување. Резултатите покажале одредени количини на разни бактерии, но ниту една не е страшна за здравјето на луѓето.
Организаторите на Игрите во Париз инвестираа повеќе од 1,5 милијарди евра за да ја подготват реката Сена за најмасовниот планетарен спортски настан.