Променет системот во одбојкарските квалификации за Олимписките игри во Лос Анџелес

Меѓународната одбојкарска федерација (FIVB) воведе нов систем на квалификации за олимписките одбојкарски турнири на Олимписките игри 2028 година во Лос Анџелес, со што се напушта досегашниот модел на посебни квалификациски турнири.

На олимпискиот турнир ќе учествуваат по 12 репрезентации во машка и женска конкуренција, а местата ќе се распределуваат преку повеќе натпреварувачки патеки во текот на целиот олимписки циклус.

Домаќинот, Соединетите Американски Држави, автоматски ќе обезбеди учество во двете конкуренции. Дополнително, пет репрезентации ќе се квалификуваат како победници на континенталните првенства што ќе се одржат во 2026 година – во Европа, Азија, Африка, Јужна Америка и НОРЦЕКА зоната.

Важна улога ќе има и Светското првенство во 2027 година, од кое трите најдобро пласирани селекции, кои дотогаш немаат обезбедено олимписко место, ќе добијат директна виза за Лос Анџелес.

Преостанатите места ќе бидат пополнети преку светската ранг-листа на FIVB, односно трите најдобро рангирани репрезентации во машка и женска конкуренција, кои немаат претходно изборено пласман, ќе се квалификуваат за Олимписките игри.

Со овој модел се укинуваат класичните олимписки квалификациски турнири, а акцентот се става на континуитетот на резултатите и настапите на најголемите натпреварувања во текот на целиот циклус.

Одбојкарските натпревари на ОИ 2028 ќе се играат во Анахајм, додека турнирот во одбојка на песок ќе се одржи во Лонг Бич.