Пристигнаа првите олимпијци, Макрон во посета на Олимпиското село

Четири дена пред церемонијата на отворање на Олимписките игри на Сена, францускиот претседател Емануел Макрон денес ќе го посети Олимпиското село, веќе добро пополнето и снабдено со спортисти од целиот свет. За тоа време организаторите ги прават последните подготовки за свеченото отворање в петок навечер.

По речиси два месеци фокусиран на политичката ситуација, од европските до парламентарните избори кои ја потресоа Франција, Макрон од денес повторно се посветува на спортот. Претседателот ќе ја посети француската делегација и ќе ги поддржи спортистите. Тој ќе биде придружуван од неколку членови на владата, министерот за внатрешни работи Џералд Дарманен и министерката за спорт Амели Удеа-Кастера, кои се на технички мандат.

Во Олимпиското село, кое беше отворено минатата недела, веќе имаше околу 4.400 луѓе. Пристигнаа дел од триесетте руски и белоруски спортисти кои ќе се натпреваруваат под неутрално знаме.

Свеченото отворање на Олимписките игри е предвидено в петок навечер, а игрите ќе траат до 11 август.