• Зоран Мишевски
Високиот претставник на Организацискиот комитет на Медитеранските игри во Таранто, Орацио Аранчо, денес престојуваше во работна посета на Олимпискиот комитет во рамки на промотивниот настан посветен на претстојните игри, кој се организира во соработка со Амбасадата на Италија во Македонија, Македонскиот олимписки комитет и здружението „Dobredojde“ Macedonia Welcome Centre.
Како дел од оваа посета, тој оствари средби со раководството и колективот на МОК, а главна тема на разговорите беа подготовките на македонските спортисти за претстојниот голем спортски настан во Италија.
Гостинот од Италија најпрво оствари директна средба со претседателот на МОК, Даниел Димевски. Двајцата соговорници разменија мислења и утврдија прецизни насоки за подобро и ефективно организирање и претставување на државата на Медитеранските игри кои ќе се одржат во Таранто, Италија.
Во рамки на посетата се одржа и оперативен состанок со колективот на МОК, предводен од генералниот секретар Ѓорги Тасев. Во фокусот на разговорите беше интензивирањето на меѓуинституционалната соработка, деталното мапирање на потенцијалните логистички и организациски предизвици, како и динамиката на тековните активности пред заминувањето за Италија.
Од средбите произлезе заедничкиот заклучок дека врвен приоритет на МОК останува обезбедувањето беспрекорни услови и комплетна логистичка поддршка. Целта е македонските натпреварувачи максимално подготвени да го дочекаат предизвикот и достојно да ја претстават државата нa Медитеранските игри во Таранто.