• Зоран Мишевски

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денес ги прими македонските олимпијци кои ќе настапат на Летните олимписки игри што ќе се одржат од 26 јули до 11 август во Париз.
На средбата, претседателката беше информирана за финалните подготовки на македонскиот олимписки тим, како и за очекувањата од претстојните натпревари.
Сиљановска Давкова на македонските олимпијци им го врачи државното знаме, што ќе биде развиорено на отворањето на Олимписките игри и им посака успешен настап на најграндиозниот и најпрестижниот спортски настан.
„Вие, како македонски спортски амбасадори, со гордост и достоинство бранете ги боите на нашата земја. Ви посакувам успешен настап и достојно претставување во Париз. Јас и сите македонски граѓани сме со вас и навиваме од срце“, им порача претседателката Сиљановска Давкова.
Знаменосци на македонската делегација ќе бидат маратонецот и нашиот најдобар атлетичар Дарио Ивановски и теквондистката Милијана Рељиќ.
Покрај знаменосците, нашиот спорт во Франција ќе го претставуваат уште пливачот Ѓуретановиќ, Анастасија Мојсовска во дисциплината спортско стрелаштво, џудистот Шерифовски и борачот Егоров.





