Папата повика на примирје за време на Олимпијадата

Папата Франциск повика на примирје за време на претстојните Олимписки игри во Париз, нагласувајќи дека игрите се носители на мирот, а не на војната. Поглаварот на Римокатоличката црква во пораката истакна дека во античко време за време на игрите мудро било воведено примирје.

„Во овие тешки времиња, кога светскиот мир е под сериозна закана, жестоко се надевам дека сите ќе го почитуваат ова примирје“, рече 87-годишниот Франциск.

Папата го нарече спортот универзален јазик кој ги надминува границите, јазиците, националностите и религиите.

„Има способност да ги обединува луѓето, да поттикнува дијалог и меѓусебно прифаќање“, додаде тој.

Годинава Олимписките игри ќе се одржат во Париз од 26 јули до 11 август.