Одржана комеморацијата за легендата Насе Насев

Денес во СЦ „Јане Сандански“ се одржа комеморација по повод смртта на олимпискиот великан, доајенот на борењето во Македонија, Насе Насев. Остави голем траг и со своите успеси ги „задолжи" помладите генерации да продолжат по неговиот пат.

Присуствуваа членови од семејството, најблиските соработници како од борењето, така и членови на Македонскиот Олимписки Комитет. Васил Тупурковски, Могамед Ибрагимов, Даниел Димевски, Ванчо Чифлиганец и Дејан Богданов се потсетија на взаемната соработка и дружба со Насев.

Насев е роден во Кочани во 1943 година. Важи за еден од основоположниците на македонското борење, поранешен борач и тренер на Спартак од Кочани, долгогодишен селектор на репрезентацијата на бивша Југославија, а потоа и на независна Македонија.

Учесник е на десет Олимписки игри, творец на легендите како Шабан трстена, Шабан Сејдиу и многу други кои ја прославија Македонија и македонското борење, а како спортски директор на Македонскиот Олимписки Комитет (МОК), под негово раководство во Сиднеј во 2000 година беше освоен првиот медал од Летни Олимписки Игри за Македонија, Могамед Ибрагимов осбои бронза.

Носител е на трофеј и златен без на Интернационалниот Олимписки Комитет (ИОК), во 1997 година влезе меѓу великаните на македонскиот спорт, а во јуни годинава го доби највисокото државно признание од страна на претседателот Стево Пендаровски, кој го одликуваше со медал за заслуги за Македонија за траен белег на спортските терени и огромниот придонес за афирмацијата на македонскиот спорт и држава.