Новиот термин за ЛОИ во Токио ќе биде познат во следните четири седмици

Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) овие денови интензивно соработува со останатите светски спортски организации, за да се најде заеднички јазик како би се одредил новиот датум за одржување на Летните олимписки игри во Токио.

Пред неколку дена и официјално беше одложен најголемиот спортски собир оваа година и истиот е презакажан за следното лето, но засега точниот термин не е познат. Според најавите истиот ќе се соопшти најдоцна за четири седмици.

„Во следните четири седмици сакаме да го финализираме точниот датум на одржување на игрите“, изјави Џон Коуст, шеф на координативната комисија на Интернационалниот Олимписки Комитет за Летните Олимписки Игри во Токио.

Првиот човек на интернационалното олимписко движење, Томас Бах, пред неколку дена изјави дека на маса се сите можни опции за новиот датум, но многу веројатно игрите ќе се одржат во период меѓу јули и август.