• Саше Љолес
Интернационалниот Олимписки Комитет (ИОК) официјално објави дека руските и белоруските спортисти ќе имаат забрана за настап на претстојните Олимписки игри кои ќе се одржат догодина во Париз. Руската агенција „Тасс“ објави дека ИОК ќе испрати покана до 203 национални олимписки комитети, но во оваа бројка не се вклучени Русија и Белорусија. Овој потег е секако уште една во низата санцкии кои ги добија руските федерации и спортисти поради воената инвазија на Украина.
Интернационалниот комитет исто така најави дека конечната одлука за санкциите и забраната за настап ќе биде соопштена на прес-конференција деновиве, а најверјатно двете земји нема да можат да учествуваат ниту на зимската Олимпијада која ќе се одржи во 2026 година во Милано.
Се очекува и официјално излагање на претседателот на ИОК, Томас Бах, а тој веќе во неколку наврати изјави дека шансите за промена на одлуката се граничат со невозможното. Руските и белоруските олимпијци се надеваа дека ќе можат да се појават на Олимписките игри настапувајќи под друго знаме, но најверојатно и тоа нема да им биде дозволено.