МОК доби нов моден партнер, турска компанија ќе ги облекува олимпијците

Турскиот бренд „Кигили“ е новиот моден партнер на Македонскиот олимпискиот комитет (MOK) и ќе се грижи за дизајнот на македонските олимпијци заклучно со Игрите во Париз во 2024 година.  Договорот за соработка денес во Скопје го потпишаа претседателот на МОК, Даниел Димевски и директорот на „Китили“, Хилал Суредем.

„Круна на оваа соработка ќе биде постигнување на уште поголем успех од оној во Токио, односно освојување на златен медал во Париз“, изјави претседателот на МОК, Даниел Димевски.

 „Кигили“ е моден спонзор на германскиот бундеслигаш Волфсбург, италијанскиот кошаркарски клуб Фортитудо, српска Црвена Звезда, турски Фенербахче како и на Фудбалската федерација на Македонија. На специјална прес-конференција, претседателот Даниел Димевски и претставникот на Кигили, Хилал Суердем го изразија своето задоволство што во иднина ќе можат да им помогнат на македонските спортисти.

„Како што секогаш сме биле, и во иднина ќе бидеме до спортот и спортистите. Нашата долгогодишна поддршка на спортот особено ја зголемивме во последните две години. И во Турција, но и во странство станавме и стануваме спонзори на важни клубови и спортски организации. Посакуваме да бидеме сведоци на успесите на македонските спортисти и да ја споделиме нивната радост, а нивните успеси да бидат редовни и долгогодишни“, изјави на денешната прес-конференција во Скопје првиот човек на „Кигили“, Суредем.

Македонскиот Олимписки Комитет склопи неколку договори ова лето, за време и по завршувањето на Олимписките Игри во Токио.