Македонските олимпијци спремни за свечениот старт на најголемиот спортски настан

Македонската олимписка делегација е подготвена за свеченото отворање на Летните Олимписки Игри (ЛОИ) кои во следниот период ќе се одржат во Париз, Франција. Знаменосци на македонската делегација ќе бидат маратонецот и нашиот најдобар атлетичар Дарио Ивановски и теквондистката Милијана Рељиќ.

Македонската делегација на Игрите во Франција ќе брои шест членови. Првично требаше да имаме седум спортисти во Париз, но пред заминувањето за францускиот град пливачката Ива Петровска го откажа својот настап.

Покрај знаменосците, нашиот спорт во Франција ќе го претставуваат уште пливачот Никола Ѓуретановиќ, Анастасија Мојсовска во дисциплината спортско стрелаштво, џудистот Еди Шерифовски и борачот Владимир Егоров. 

Покрај спортистите, Македонија на ЛОИ ќе ја претставуваат и судиите Ѓорѓи Начевски и Славе Николов (ракомет), Иван Михајловски (триатлон) и Анета Павловска (тенис), а меѓу делегацијата се и тренерите на претставниците.