• Зоран Мишевски
Македонија ќе настапи со најбројна делегација од околу 130 учесници на претстојните Медитерански игри што ќе се одржат во Таранто, Италија, од 21 август до 3 септември, при што нашите спортистите ќе се натпреваруваат во повеќе екипни дисциплини.
Претседателот на Македонскиот олимписки комитет (MOK), Даниел Димевски, на денешната прес-конференција нагласи дека очекува силен настап и конкурентен резултат.
„Имаме досега апсолутно најбројна делегација што сме ја имале на Медитерански игри, таа ќе брои околу 130 членови. Мислам дека овој пат нема да важи само учеството, туку резултатот и очекувам помеѓу две и четири медали“, изјави Димевски.
Потврдени се четири тимови во екипни спортови и тоа одбојка, ракомет и фудбал машки и во машка и во женска конкуренција.
Амбасадорот на Италија во земјата, Паоло Палминтери, на денешната прес-конференција ја истакна улогата на спортот како фактор за зближување и мир.
„Постои војна во источниот дел на Медитеранот. Игрите, уште од античките времиња, секогаш биле наменети да ја запрат војната и да испратат порака на единство. И токму Медитеранот денес го симболизира тоа. Постоеше мировна иницијатива поврзана со игрите, но светските настани ја прекинаа и ги принудија организаторите да запрат. Но кога имате спортисти што се натпреваруваат и истовремено стануваат пријатели, тоа е многу важно за создавање врски меѓу младите генерации и меѓу различните народи во Медитеранот“, рече Палминтери.
Годинашните игри ќе се одржат од 21 август до 3 септември во Таранто.