Македонија со 26 спортисти на ЛОИ на Специјалната олимпијада во Абу Даби

Со свечено дефиле на стадионот во Спортскиот град на шеикот Заед и палење на олимпискиот оган на надежта, денес ќе започнат Летните олимписки игри на Специјална олимпијада Абу Даби и ќе траат до 21 март. На овие игри, делегацијата на нашата земја учествува со 26 члена, во три дисциплини, пливање на 50 и 100 метри и штафета, атлетика и јунифајд кошарка и ревијално танцување. 

Мотивираноста и очекувањата на нашата екипа се високи што потврди и водачката на делегацијата Елена Зисовска:

„Ние сме подготвени да се претставиме во најдобро светло, да уживаме во искуствата од олимписките натпреварувања, да дадеме сè од себе и да ги потврдиме или надминеме досегашните резултати“. 

Овие Летните олимписки игри на Специјална олимпијада Абу Даби 2019 се најголемиот спортски настан со хуманитарен карактер на планетата. Абу Даби и Дубаи се домаќини на повеќе од 7.000 атлети, од 190 земји од светот кои ќе се натпреваруваат во 24 спортови. Натпреварувачите ги подготвувале 2.500 тренери, а за да се одржат игрите, поддршка ќе дадат повеќе од 20.000 волонтери. 

Ова се први олимписки игри во регионот на Блискиот Исток.