• Зоран Мишевски
Од 12 до 26 јуни во Берлин ќе се одржат Летните Олимписки Игри за атлети со атипичен развој, познати како Специјална Олимпијада. Деветнаесет атлети од Макеоднија ќе бидат дел од преку 7.000 спортисти од 190 земји како и 20.000 волентери кои ќе бидат во Берлин.
За подготовките, но и очекувањата од игрите зборуваа на прес конференција во Агенцијата за млади и спорт, која е поддржувач на настапот на македонските спортисти.
„Огромно задоволство и чест ми е како спортист и директор на Агенцијата за млади и спорт да го најавам најголемиот спортски собир за спортисти со атипичен развој, олимписките игри. Настапот на едно вакво големо натпреварување е вистинска можност за претставување на државата, но и можност за добивање на нови искуства“, рече директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Наумче Мојсовски.
На прес-конференцијата за самиот настан зборуваа и водечките лица од Специјална олимпијада Македонија, Моника Бошкоска како претседател и Драган Караџовски, национален директор на специјална олимпијада.
Македонските претставници ќе настапат во пет дисциплини: пливање, кошарка, бадмингтон, атлетика и пинг-понг.