Ирански скијач суспендиран на ЗОИ поради допинг

Потврден е првиот случај на допинг на Зимските Олимписки Игри во Пекинг. Триесет и шестгодишниот Савех Шемшаки од Иран беше позитивен на анаболичен стероид, и поради тоа нема да може да претставува својата земја во дисциплините слалом и велеслалом.

Шемшаки учествуваше на Зимските олимписки игри во Ванкувер пред дванаесет години и во Сочи пред осум години. Најдобриот резултат го постигна во Сочи, каде беше 31-ви во слаломската трка.

„Спортистот не може да се натпреварува, да тренира или да учествува во каква било активност на Зимските Олимписки Игри во Пекинг. Исто така, спортистот има право да го оспори изрекувањето на привремена суспензија пред Судот за спортска арбитража, а исто така има право да бара анализа на примерокот Б“, велат организаторите.

Искусниот скијач е еден од тројцата претставници на Иран на Игрите во Пекинг.