ИОК: Валиева може да се натпреварува, но без доделување медали

Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) соопшти дека ќе ја почитува одлуката на Судот за спортска арбитража во Лозана да ѝ дозволи на Камила Валиева да се натпреварува во поединечна конкуренција на Игрите во Пекинг.

Но, исто така соопшти дека нема да има церемонии за доделување медали додека „не заврши случајот со руската лизгачка“.

Како што се наведува, доколку младата Русинка освои медал, нема да има церемонија, а исто така сè уште нема да има церемонија во екипна конкуренција, каде Русија освои злато со Валиева во тимот, по што беше утврдено дека таа користела недозволено средство „Триметаздин“ и ги прекршила правилата за антидопинг.

Исто така, од Меѓународната унија за лизгање беше побарано да учествуваат 25 натпреварувачи во слободната програма на 17 февруари, доколку 15-годишната Русинка по кратка програма се најде меѓу 24-те најдобри.