ИОК со убав гест за олимпискиот рекордер чија куќа изгоре во пожарите во Лос Анџелес

Интернационалниот олимписки комитет направи одличен гест кон поранешниот олимписки рекордер, Гери Хол, чиј дом целосно изгоре во страшните пожари кои го зафатија градот Лос Анџелес. 

50-годишниот Хол доби реплики од сите освоени медали во својата богата кариера, а истите му беа врачени од претседателот на Интернационалниот Олимписки Комитет (ИОК), Томас Бах, кој даде изјава после церемонијата во Лозана. 

„Се надевам дека нема да имаме потреба да организираме вакви церемонии во иднина. Тоа што се случи во Лос Анџелес е за заборав. Да се помолиме такво нешто никогаш повеќе да не се случи“, рече Бах. 

Гери Хол настапи на Олимписките игри во 1996, 2000 и 2004 година. Освои вкупно десет медали - пет златни, три сребрени и два бронзени. Најголем дел од медалите ги освои на 50 метри слободно и на штафетата 4x100 метри.