Хероите кои нè направија горди - пристигнаа медалистите од ЛОИ на Специјалната Олимпијада

Македонската гордост, медалистите од Летните олимписки игри на Специјалната Олимпијада во Абу Даби, беа дочекани како вистински херои откако се вратија со девет медали, остварувајќи го најголемиот успех во историјата. 

Марио Мицковски освои две златни медали во пливање на 25 метри грбно и 50 метри слободен стил, Стефан Трпковски донесе златен медал во пливање на 50 метри во слободен стил, Сара Дураку во атлетика освои два бронзени медали во трките на 100 метри и на 50 метри, а Ардијан Шабани во трката на 25 метри освои сребрен медал, додека во трката на 50 метри бронзен медал.

Спортистите од Специјална олимпијада во кошарка освоија бронзен медал, а во дисциплината латино танци сребрен медал освои Јулијана Петровска.

„Горд сум на сè она што го постигнаа нашите спортисти на оваа Специјална Олимпијада. Врз себе имав голем товар, бев во улога да водам еден тим кој ја претставува нашата држава и пресреќен сум што сите остваривме еден ваков извонреден успех“, вели Ифраим Љута тренерот на нашите спортисти.

18 спортисти поделени во три екипи: десет кошаркари, четири пливачи и четири атлетичари ја претставуваа нашата земја во Абу Даби. Петтата Летна олимпијада веруваме дека е само почеток за нашите спортисти. По четири години следните Олимписки игри на Специјалната Олимпијада ќе се одржат во Берлин, Германија.