Ѓуретановиќ: Приоритет ми се резултатите, а не учеството на Олимписките игри

Преку 14.000 спортисти ќе бидат дел од Олимписките игри во Париз. Сигурно дека еден од најмладите меѓу нив ќе биде македонскиот пливач Никола Ѓуретановиќ.

За младиот спортист самиот настап претставува голем успех. 

„За мене настапот на Олимписки игри претставува голем чекор во мојата досегашна кариера, но свесен сум дека со 16 години покрај резултатот кој го планираме и работиме со мојот тим, особено важно е искуството кое ќе го стекнам и ќе го искористам за следните олимписки циклуси кои ќе ме очекуваат“, вели Никола.

Ова момче веќе собори голем број државни рекорди, не само младински туку и сениорски, па во Париз не патува само за да учествува. 

„Чувството да си олимпиец е навистина прекрасно, но за мене најважно е претставувањето на Македонија на најголемиот глобален спортски настан во најдобро светло и тоа ми претставува посебна мотивација. Како што напоменав, со 16 години ова ќе биде само прва во низата на Олимпијади, во кои ќе се борам за големи резултати и тоа чувство ме води низ кариерата. За мене секогаш приоритет ќе бидат резултатите, а не учествата“, вели Ѓуретановиќ. 

16-годишниот македонски пливач своето деби во олимпискиот базен во Париз ќе го има на 27 јули, за кога се закажани квалификациите во трката на 400 метри слободно.