Егоров: Олимпијадата е врв на мојата кариера, посакувам медал за Македонија

Македонски репрезентативец во борење, Владимир Егоров, за првпат во кариерата ќе настапи на Летните Олимписки Игри. Егоров, кој е носител на повеќе медали од големите натпреварувања, секако е македонски адут за медал. 

Тој нé израдува со златото на Европското првенство во Будимпешта во 2022 година, а истата година ја освои и бронзата на Медитеранските игри во Оран. Првиот медал (бронзен), Егоров на Македонија и го донесе од ЕП во Букурешт 2019 година. 

Впрочем и самиот Егоров, со малку среќа при ждрепката за борбите, посакува да ја збогати својата колекција.

„Како за секој спортист така и за мене врв во кариера да се учествува на Олимпијада. Покрај сите резултати што ги имам зад мене, посакувам да ја збогатам мојата колекција и со некој медал од Олимпијадата“, вели Егоров. 

Македонскиот олимпиец ќе настапи во категоријата до 57 кгр. (слободен стил), и тоа во првата, осминафинална, рунда на 8 август од 11:30 часот. Борбите во репасажот се закажани за 9 август (11:00 часот).