• Иван Димовски

Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) ја укина привремената суспензија на Рускиот олимписки комитет и со тоа го отвори патот за враќање на руските спортисти во квалификациите за Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година.
Извршниот одбор на ИОК соопшти дека повеќе не важат препораките до меѓународните федерации за ограничување на учеството на руските спортисти, кои беа воведени по почетокот на воениот конфликт во Украина во февруари 2022 година.
„Извршниот одбор на ИОК ја укина привремената суспензија на Рускиот олимписки комитет, која беше во сила од 12 октомври 2023 година. Одлуката е донесена по темелна правна анализа, според која Рускиот олимписки комитет повеќе не вклучува регионални спортски организации од територии што се под јурисдикција на Украинскиот олимписки комитет“, стои во соопштението.
Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) истакна дека квалификацискиот циклус за Олимписките игри во Лос Анџелес веќе започнал и дека на сите спортисти треба да им биде овозможен еднаков пристап до квалификациите. Поради тоа, досегашните препораки за ограничувања повеќе нема да се применуваат.
Сепак, од организацијата нагласија дека и понатаму внимателно ќе ја следат работата на Рускиот олимписки комитет и ќе го задржат правото повторно да преземат мерки доколку оценат дека за тоа постои потреба.
Воедно, ИОК соопшти дека отсега ќе биде на секоја меѓународна федерација поединечно да одлучи дали ќе дозволи организирање натпревари на руска територија, како и истакнување на руското знаме и химна.