Берлин и Тел Авив со заедничка кандидатура за ЛОИ на стогодишнината од нацистичкиот режим

Германскиот град Берлин ќе поднесе кандидатура за организација на Олимписките игри во 2036 година, со што би се одбележала стогодишнината од контроверзните Игри кои беа одржани под нацистичкиот режим на Адолф Хитлер. 

Градоначалникот Кај Вегнер ќе ги претстави плановите и кандидатурата на Олимпискиот стадион во Берлин, а за овој проект има поддршка од четири сојузни покраини - Бранденбург, Саксонија, Мекленбург и Шлезвиг-Холштајн. 

„Имаме прекрасен план и уште поубава идеја за организација на Олимписките игри. Знаеме дека конкуренцијата ќе биде голема, но Германија навистина има што да понуди и мислам дека сме водечка земја кога се работи за инфраструктурата.

Постојано се вложува во спортски објекти и проекти, па затоа не гледам причина зошто Берлин не би бил идеален домаќин на ваков планетарен спортски настан“, изјави Вегнер.

Во игра е и заедничка кандидатура со градот Тел Авив од Израел, а на овој начин двете земји би покажале дека црното минато е оставено во историјата и фокусот е ставен на новиот свет и заедничкиот живот без граници, омраза и ограничувања. Првичниот план е отворањето и затворањето на Игрите да се одржи во Берлин, а Тел Авив би добил неколку значајни настани во текот на целиот настан, вклучително и финалето на кошаркарскиот турнир. Ова секако би зависело од моменталната безбедносна ситуација во земјата и според неколку угледни медиуми е под голем знак прашалник. 

Меѓународната олимписка организација веќе ги добила првите „сигнали“ од Германија, па наскоро се очекува да донесе конкретна одлука околу Игрите во 2036 година. Градоначалникот смета дека би било идеално ако Германија ја добие организацијата, со што државата би покажала дека е максимално подготвена за ваков огромен спортски настан.