Австралиски олимпиец вратен дома заради позитивен тест за кокаин

Продолжуваат негативните вести на почетокот од натпреварувачкиот дел на Летните Олимписки Игри во Токио. 

Австралиецот Џејми Кермонд, кој се натпреварува во коњички спорт, е суспендиран од олимпискиот турнир, откако покажа позитивни резултати на кокаин. Тестирањето било направено на 26 јуни, а од асоцијацијата на јавачи соопштија дека му даваат поддршка на 36-годишниот Кермонд.

„Веројатно резултатот е последица на еднократна употреба на кокаин за време на општествен настан кој нема врска со мојот спорт. Вознемирен сум, се каам и во целост ја прифаќам одговорноста. Жалам што ги изневерив луѓето, вклучувајќи ги членовите на семејството и тимските колеги“, изјави Кермонд.

Олимпиецот сега има право на анализа на својот Б примерок, но нема да остане со австралискиот олимписки тим, туку веднаш се враќа дома.