Американците разочарани од одлуката на ЦАС да не ја суспендира Русинката Валиева

Извршната директорка на Олимпискиот комитет на Соединетите Американски Држави, Сара Хиршланд, излезе со соопштение, во кое вели дека е разочарана од одлуката на Судот за спортска арбитража да ѝ дозволи на руската лизгачка Камила Валиева да продолжи да се натпреварува во Пекинг.

„Разочарани сме од пораката што ја испраќа оваа одлука. Колективната одговорност на целата олимписка заедница е да го заштити интегритетот на спортот и да бара спортистите, тренерите и сите вклучени да бидат на највисоко ниво.

Спортистите имаат право да знаат како да се натпреваруваат под еднакви услови. За жал, денес им го ускратуваат тоа право. Се чини дека ова е уште едно поглавје во системското занемарување на „чистиот“ спорт од страна на Русија. Знаеме дека овој случај сè уште не е затворен и ги повикуваме сите во олимпиското движење да продолжат да се борат“, се вели во соопштението.

Судот за спортска арбитража одлучи да не изрече привремена суспензија на 15-годишно девојче кое падна на допинг тест во декември. Судскиот совет објави дека спречувањето на младата лизгачка да се натпреварува ќе и нанесе „ненадоместлива штета“.