Работнички Скопје привремено го презеде врвот, Струмица напредуваше на четвртата позиција, Наковски волеј и Универзитет во Тетово претрпеа домашни порази во директните соочувања за исчекор на табелата, а во нејзиниот втор дел, Јанта волеј Форца ги искористи петте сета во Битола и се искачи на водечкото место. Тоа е содржината на второто коло во Втората фаза во македонскиот женски одбојкарски шампионат, во којшто најдоброто допрва претстои, а тоа е дербито на единствените непоразени екипи досега. Јанта волеј Кисела вода ќе го пречека составот на Вардар жени 2019, којшто не загуби сет, па во натпреварот ќе влезе од подобра почетна позиција. Но, без разлика што има два бода помалку, затоа што еднаш славеше со 3:2, а притоа на противниците им препушти вкупно пет сета, со евентуална победа, тимот на Јанта волеј Форца ќе замине на зимска пауза како водечки во елитната Втора фаза -1, а со тоа и целосно во Првата лига. Се разбира дека тоа важи и за вардарки, а од епилогот во салата на ОУ „Невена Георгиева Дуња“ зависи дали Работнички Скопје ќе биде на второто или на третото место. Последните освојувачки на двојната круна во саботата се радуваа на теренот на Наковски волеј и го почувствуваа задоволството што го носи првото место на табелата. Наковски забележа два пораза во Втората фаза -1, па сега е петтопласиран, а пред него е и екипата на Струмица жени којашто има пет триумфи, последниот и исклучително значаен на теренот на Универзитет во Тетово. Со два пораза по ред, тетовки заостанаа многу во однос на скопското трио и тешко е да се верува дека ќе може да се вмешаат во трката за највисок пласман.