Женската одбојка ќе добие нов шампион – Работнички или Наковски Волеј

Нов шампион ќе има во Првата лига жени во сезоната 2025/2026, а тоа вечерва го потврди ОК Наковски волеј, кој ќе игра во финалето на плејофот откако го елиминираше бранителот на титулата Јанта Волеј во полуфиналето.

По победата од 3-1 во Струмица, одбојкарките на Хари Наковски се радуваа со 0-3 (19-25, 24-26, 23-25) на реваншот во Скопје и ќе играат за првата шампионска титула во клупската историја. Ривалите одиграа тежок натпревар, со голема борба, особено во вториот и третиот сет се играше буквално поен за поен, а гостинките беа порешителни и помирни кога беше најпотребно и дојдоа до победа, а со тоа и до место во финалето.

Наковски Волеј во финалето на плејофот во женска конкуренција ќе игра против Работнички, откако тимот со 3-0 (25-16, 25-19, 25-21) го победи Младост УГД во реванш натпреварот попладнево пред својата публика во Скопје и со 2-0 во победи ја затвори серијата. Ланскиот финалист диктираше темпо на овој натпревар и покажа дека во одлична форма влегува во битката за шампионската титула, која ќе се обиде да ја врати во свој посед по пауза од една година, во петтото финале во низа кое го играат. Андротеа Милевска со 12 поени, Марија Василевска 10 и Тамара Стојанова осум го предводеа тимот.

Битката за шампионската титула започнува на 27 април во Струмица.