Жарко Ристоски и Ал Хилал ја одбранија шампионската титула во Саудиска Арабија

Втора година во низа македонскиот стратег Жарко Ристоски и Ал-Хилал се шампиони во одбојкарското првенство во Саудиска Арабија. На едно коло до крајот на сезоната екипата на Ристоски ја потврди одбраната на шампионската титула, а официјалното крунисување треба да се случи в сабота.

Клучен момент за продолжување на доминацијата во Саудиска Арабија беше гостинската победа над лидерот Ал Ахли од 3-1 со која Ал-Хилал го превзема врвот, во пресрет на завршницата од првенството. Во претпоследното коло викендов, пак, во градското дерби Ристоски и неговите одбојкари се радуваа против Ал-Насер со 3-1, додека нивниот главен конкурент за титулата, Ал Ахли загуби од Итихад со 3-1.

На коло до крајот (се игра по двокружен бод систем по кој првопласираниот тим е шампион) Ал Хилал има две победи предност пред Ал-Ахли, кој е втор. Без разлика на резултатите од последното коло Ал-Хилал е шампион за сезоната 2025/2026.

Жарко Ристоски и Ал-Хилал имаат перфектна сезона со оглед на тоа дека ги обединија трите круни. Претходно тие го освоија Интернационалниот клупски шампионат, како и Сауди националниот Куп.