Завршија јануарските подготовки за одбојкарките до 19 години 

Македонските одбојкарски репрезентативки до 19 години минаа убав јануари во Берово, како што беше реализирана уште една периодична месечна фаза од подготовките за настап на Европското првенство во 2022 коешто ќе се одржи кај нас. 

Селекторот Ненад Михајловиќ реши да работи со помал број девојки, во случајов 18, што не значи дека преостанатите десет се избришани од списокот и нема да добијат шанса да конкурираат за тимот што ќе игра на континенталниот собир.

 „Одлично работевме, трениравме двапати дневно, минавме многу време во сала, одигравме два тренинг натпревара со екипата на Струмица жени, ја забележавме првата победа. Тоа се разбира дека не е важно, но за нас беше симболичен момент и сите му се радуваме. По големиот број тренинзи, едноставно беше време да почнеме да се тестираме на натпревар. Повторно работиме на техника, но низ игра, а тоа е тешко“, селекторот Михајловиќ ги опиша подготовките во Берово, потенцирајќи дека идејата е сите девојки да останат во ритам, да играат подеднакво за да не се почувствува разлика во насока на тоа која е во прва, а која во втора линија.

 Поради здравствената ситуација и протоколите, пријателските натпревари во Белград беа откажани, а тој план ќе остане актуелен за некој друг термин, можеби за годинашниот турнир на градови. 

„Сè мина во најдобар ред, без повреди и болести. Задоволни сме од напредокот и од посветеноста на репрезентативките“, вели координаторката за женска одбојка кај нас Емилија Терзиевска. 

Со задоволство информира за зголемената активност во нашата женска одбојка во којашто се удираат темелите на новата сениорска селекција.

 „На 10-ти јануари во Берово дојдоа и 42 пионерки од поширокиот список од цела Македонија. Селекторот Милан Ристовски, кој е клупски тренер во Бами Кор, одбра 14, според него, најподготвени, коишто имаат настапи за прволигашките екипи и постојано се во тренажен процес беа оглед на коронавирусот. Неколку одбојкарки отсуствуваа од овој собир поради тоа што се во изолација“, објаснува Терзиевска.

 Македонските одбојкарки денеска се разделија, но само привремено. Наредниот собир ќе биде во феврари, а како што најавува стручниот штаб, најверојатно со присуство на сите репрезентативки од поширокиот список.