ЗАПОЗНАЈТЕ ЈА ГРУПАТА НА ЕП: Русија и Словенија фаворити, со другите нè чека „битка“

Одбојкарската репрезентација на Македонија за првпат во историјата ќе игра на едно Европско првенство (ЕП). Ждрепката сакаше нашиот национален тим да се најде во Љубљана, каде ќе се соочи со Русија, Турција, Словенија, Финска и Белорусија.

Нашиот национален тим е единствен дебитант на големата сцена во оваа група. Сонот конечно стана реалност, а останува да видиме како одбојкарите ќе се носат со притисокот и ќе го прифатат предизвикот наречен ЕП.

  • Во продолжение, погледнете ги противниците на Македонија на ЕП:

РУСИЈА

Селекцијата која ги наследи успесите на СССР е најуспешниот тим во историјата на Европските првенства. По распадот на Советскиот Сојуз, Русија освои европско злато во 2013 и 2017 година. Исто така, „зборнаја“ се и победници на ЛОИ 2012 во Лондон, на СП 1999 и 2011, а исто така имаат и најблескави одличја во Светската лига во 2002, 2011 и 2013 година, како и две злата во Лигата на нации, во 2018 и 2019 година. На европскиот собир Русите влегуваат како владетели, со златото освоено пред две години во Краков, кога ја победија Германија во финалето. Тренер на тимот е Томас Самелвуо, а капитен на репрезентацијата е Игор Кобзар, член на Кузбас Кемерово од Русија.

ФИНСКА

Финците зад своето име имаат 17 настапи на Европските првенства, а највисокиот пласман им е четвртото место во 2007 година во Москва. Потоа, на следните европски собири, оваа репрезентација беше од 8 до 12 позиција. На СП, пак, Финска има осум настапи, со највисоко деветто место во 2014 година. Тренер на репрезентацијата која е составена претежно од одбојкари кои играат на домашната сцена е Жоел Бенкс, а капитен на тимот е најдобриот одбојкар Еми Тервапорти од Олимпијакос.

БЕЛОРУСИЈА

Овој национален тим подемите ги почна во 2017 година, кога тимот го презема Виктар Бекша, поранешен среден блокер кој реши да почне тренерска кариера. Под негово водство, Белорусија дојде до два сребрени медали - првиот во сребрената Европска лига во 2018 година, а вториот во златната Европска лига една година подоцна. Последното ЕП оваа селекција го имаше во 2013 година, кога завршија 15-ти во 2013 година. Се работи за доста висока репрезентација, предводена од капитенот Сергеј Бусел, висок 208 сантиметри, член на руска Нова.

ТУРЦИЈА

По настапите на ЕП во 1963, 1967 и 1971 година, Турција чекаше долги 36 години за пак да се најде на големата сцена. Моментално, Турците се наоѓаат на 15. место кога се работи за ранкингот во Европа, а нивниот најдобар континентален финиш е 11. позиција, на последниот собир во 2017 година. Се работи за тим кој дебитираше во Светската лига во 2014 година, а исто така, Турција има и настапи на Светските првенства, каде најдобриот настап им е во 1966 година, кога финишираа на 15. позиција. Тренер на репрезентацијата е Недим Езбеј, а капитен на репрезентацијата е Селчук Кескин од Галатасарај.

СЛОВЕНИЈА

Словенците заедно со Русија се најискусните репрезентации во групата. Се работи за национален тим кој од 2007 година настапил на сите Европски првенства, со историски резултат во 2015 година, каде тимот преводен од тренерот Андреа Џани освои сребрен медал. Балканската селекција е сензација во последните неколку години, затоа што на ЕП 2015 каде дојде до историја ја совлада моќната Полска, а потоа и Италија, за во финалето да „падне“ против Франција. На дебито во Светската лига во 2016 година, Словенија играше Ф4 каде победи и обезбеди промоција во втората група. Пред медалот во 2015 година, успех беше златото во Европската лига во 2015 година, како и двете бронзи во 2011 и 2014. Словенците во 2018 година играа и на СП за првпат во историјата и завршија на дванаесеттата позиција. Последен успех е освојувањето на Челенџер Купот во 2019 година, кој донесе и пласман во Лигата на нациите. Тренер на тимот е Алберто Џулијани, а капитен на екипата е Тине Урнаут кој настапува за италијанска Каса Модена.