Започнаа подготовките на одбојкарите до 20 години за Балканијадата во Тирана

Одбојкарите до 20 години ќе ги отворат европските настапи на нашите одбојкарски репрезентативци на европска сцена. Нашите надежи во периодот од 24 до 28 јуни ќе бидат дел од Балканското првенство во Тирана, каде за противници во групата ќе ги имаат селекциите на Грција, Косово и Албанија. 

Селекторот Ванче Санев пред неколку дена во Штип ги построи своите пулени, а по завршувањето на подготовките се одреди со кои 12-мина ќе патува на собирот во Албанија. 

„Овие момци веќе три години играат заедно. Добро се познаваат и мислам дека од нив можеме да очекуваме позитивни резултати. Исто така позитивна вест е што имаме соодветни резерви на речиси сите позиции, а единствена дилема ми е само позицијата коректор“, вели Санев. 

Најдобрите две репрезентации од групите ќе обезбеди полуфинале, додека другите селекции ќе играат разигрување за пласман од петто до осмо место.