Започнаа битолските селективни тренинзи на младата одбојкарска репрезентација

Четириесет и пет девојки учествуваа на четирите скопски тренинзи на кои селекторот Ненад Михајловиќ ги одбираше потенцијалните репрезентативки во македонскиот национален состав за учество на Европското првенство за одбојкарки до 19 години во 2022. Во соработка со осуммина македонски тренери, Михајловиќ го реализираше првиот чекор во селекција на талентираните одбојкарки од генерацијата 2004 од главниот град и од Тетово, по што августовската акција продолжи во Битола.

Откако ќе биде извршена селекцијата во тој регион, одбојкарскиот карван ќе продолжи во Штип и во Струмица, исто така со по четири тренинзи во секој град, а потоа селекторот Михајловиќ ќе определи кои 22-24 одбојкарки ќе патуваат во Крушево на првиот камп во долгиот подготвителен процес за настап на континенталниот собир којшто ќе се одржи кај нас.

По завршувањето на овој термин, Михајловиќ ќе подготви детален план за натамошни акции.

Паралелно со создавањето тим за Европското првенство во 2022 на коешто право на настап ќе имаат одбојкарки родени на први јануари 2004 и подоцна, во тек е и селектирање на генерацијата 2006 година којашто ќе учествува во квалификациите за наредниот континентален собир предвиден за 2021 година. Со оглед дека поради коронакризата летово немаше Балканијади, ОФМ реши да ја пријави репрезентацијата 2006 година во европските квалификации коишто ЦЕВ ќе ги закаже за декември или за јануари.