Втор пораз на вардарки, Работнички останува во трка за подобра позиција

Работнички Скопје го доби дербито со Вардар жени во осмото коло од Втората фаза во најсилната македонска одбојкарска конкуренција. Освојувачот на двојната круна од 2019 се радуваше со 3-0 (25-16, 25-22 и 30-28) на гостински терен, ја забележа десеттата победа сезонава, но поради полош сет-количник од Струмица жени, остана на четвртото место на табелата.

Црвено-црните вторпат претрпеа пораз, но и натаму се на врвот на табелата зашто имаат поголем број бодови од второпласираниот тим на Јанта волеј Кисела вода. Во салата на ОУ „Крсте Петков Мисирков“, одбојкарките на Работнички Скопје грешеа многу помалку, имаа подобар напад со исклучок на завршницата на третиот сет, а поголемиот број поени од сервис и од блок не им помогнаа на вардарки да го извадат овој натпревар.

Во победничкит состав, Србинката Милица Терзиќ освои 16, Тамара Стојанова и Антонија Баталаковска по 10, блокерката Николова 9 поени, а техничарката Јонузи 5, додека, пак, кај Вардар најефикасна беше Кубанката Агуеро со 18, Ковачевиќ изброја 10, а центарките Павловска и Лазарова заработија по седум, но тоа не беше доволно за 13. триумф сезонава.

Двете екипи се меѓу најдобрите четири во Купот, а веќе обезбедија и полуфинале во разигрувањето во Првата лига, но преостанатите две кола од Втората фаза-1 ќе го дадат одговорот на прашањето кој со кого ќе вкрсти во првиот круг од елиминациите. Според позициите на табелата, можен е дуел на Вардар жени 2019 и на Работнички Скопје уште во овој сегмент.