Водечките четири екипи играат меѓусебе во деветтото коло од женската мак-одбојка

Деветтото коло од Втората фаза-1 во одбојкарската лига кај дамите ги содржи пресметките на најдобрите четири екипи сезонава коишто ќе бидат актери на полуфиналето во првенството, исто како и на завршниот куп-турнир закажан за наредниот викенд. Вардар жени 2019 и Јанта волеј Кисела вода имаат биланс 12-1, а Струмица жени и Работнички Скопје 10-4, но на две две рунди до крајот на овој лигашки сегмент се уште се можни промени на табелата, а со тоа и во одредувањето на двојките за елиминацискиот дел.

Струмица жени утре ќе ги пречека вардарки со надеж да го повтори успехот од гостувањето во Скопје кога на ривалот му го нанесе првиот сезонски пораз. Доколку успеат, струмичанки ќе ја задржат опцијата да напредуваат од третото место на коешто се поради подобар сет-количник од Работнички Скопје. По триумфот на црвено-црните, освојувачките на двојната круна од 2019 в понеделник ќе играат со Јанта волеј Кисела вода полни со самодоверба дека можат да влезат во низа и да исчекорат од четвртото место. Одбојкарките на Јанта волеј се втори, но до крајот на лигашкиот сегмент ќе играат две-дерби среби, покрај со Работнички Скопје в понеделник со пренос на МРТ-3, ќе се сретнат и со Струмица жени, така што ништо не им е загарантирано, исто како што им е отворена можноста да бидат први, а со тоа да играат реванш на домашен терен во полуфиналната серија до две победи во разигрувањето. Наковски волеј и Универзитет во Тетово не беа на ниво по паузата, па нивниот утрешен дуел е за престиж.

Во Втората фаза-2, водечкиот Фит фан волеј ќе го пречека Пелистер со амбиција да ја продолжи низата од максимални осум победи по формирањето на ова квалитативно друштво. Битолчанки се радуваа на претходните четири настапи, па доколку триумфираат во Скопје, ќе ги задржат шансите за освојување на првите две места, коишто можат да бидат значајни затоа што ќе обезбедат билет за учество во елитната конкуренција во наредната сезона доколку се формира Втора лига.

Пред битолскиот тим е и составот на Јанта волеј Форца, кој утре ќе им биде домаќин на одбојкарките на Македонија Макс. Со пораз на дебитантот од Пелистер волеј, Јанта волеј Форца може да го преземе првото место, но и да не се случи тоа, триумф над струмичанки секако ќе биде добредојден во пресрет на следните пет рунди до крајот на сезоната во оваа конкуренција. Во неа, од аспект на битката за врвот, барем засега, не можат да влијаат средбите Ускана – Бами Кор и Виктори волеј – УГД Студент, но и тие ќе имаат тежина пред одредувањето на конечниот пласман во натпреварувачката 2020/21.

Прва лига (жени), Втора фаза -1, (Деветто коло)
Струмица жени – Вардар жени 2019 (сабота, 17:00)
Наковски волеј – Универзитет во Тетово (сабота, 17:00)
Работнички Скопје – Јанта волеј КВ (понеделник, 17:55)

Прва лига (жени), Втора фаза -2, (Деветто коло)
Фит фан волеј – Пелистер волеј (сабота, 13:00)
Јанта волеј Форца – Македонија Макс (сабота, 13:00)
Ускана – Бами Кор (сабота, 13:00)
Виктори волеј – УГД Студент (сабота, 15:00)