Владата со поддршка за одбојкарите: „Нема подобар репрезент на државата од спортот“

Македонија за првпат ќе има свој учесник на еден Европско одбојкарско првенство, откако пред неколку седмици, „спартанците“ ја израдуваа нацијата и обезбедија прво историско учество на еден континентален собир. 

По тој повод, денеска, претставници на Одбојкарската федерација на Македонија, предводени од претседателот Петар Јовановски, беа на прием кај премиерот на Македонија, Зоран Заев, кој најави дека владата и АМС и во иднина силно ќе го поддржуваат овој спорт. 

„Покажавте одличен успех при пласирањето, за тоа изразувам почит кон Федерацијата во име на Владата и во мое име. Имате добри шанси за Европското одбојкарско првенство што ќе се одржи во септември оваа година. Сметајте на поддршката од Владата. Со повеќе мерки, како Влада имаме за цел да го поддржиме спортот, бидејќи нема подобар репрезент на државата од спортот и ништо не зближува повеќе од спортот, рече премиерот Заев.

На средбата се разговараше за начините за поддршка и мотивација на одбојкарите, како што се доделување спортска сала на Одбојкарската федерација, за потребите на развојот на одбојката во Македонија, обезбедување соодветни просторни услови за тренинзи, финансиски средства согласно законските прописи, како и за можностите за поголема промоција, како на одбојката, така и на другите спортови во Македонија.