Вицешампионот Бразил ја преживeа драмата со Франција за втора победа на СП

Одбојкарската селекција на Бразил ја запиша втората победа на Светското првенство во Италија и Бугарија, откако по вистинска драма во пет сета славеше над една од најдобрите европски селекции Франција (3-2). 

Бразилците одлично го отворија мечот и со идентични 25-20 заслужено поведоа со 2-0 во сетови. Но, европскиот гигант не се предаде и одигра фантастични трет и четврти сет и успеа да израмни на 2-2 (26-24, 25-23). Во одлучувачкиот сет се играше израмнета одбојка до самиот финиш, кога Бразил со серија од 3-0 стигна до 15-12 и голема победа од 3-2. 

Во рамки од оваа група Б, се одигра уште еден натпревар, во кој Египет го запиша вториот пораз, овој пат од Канада (0-3). Во останатите натпревари од денешниот ден, Полска го демолира Порторико (3-0), Австралија ја намачи селекцијата на САД (2-3), додека Јапонија убедливо извојува победа над Доминиканската Република (3-0)

Во следното коло Бразил ќе се судри со селекцијата на Кина, додека противник на Франција ќе биде последнопласираниот Египет.