Важен ден за македонската одбојка, Турција ни стои на патот од ново ЕП

Одбојкарите на Македонија денес го завршуваат квалификацискиот турнир кој се игра во Скопје. За пласман на Европското првенство ќе играат со Турција, против која загубија во првото соочување пред три дена. 

Нашата репрезентација имаше еден слободен ден, по победата над Босна и Херцеговина, и посвежа ќе влезе во денешниот дуел. Сепак, фаворитската улога ќе биде на страна на Турците, кои досега одиграа речиси перфектно во овие квалификации.

Цел на избраниците на Никола Матијашевиќ е да се победи со 3-0 или 3-1. Тие резултати го носат националниот тим на континенталниот собир. Доколку не им успее тоа, предизвик ќе биде да се освојат повеќе сетови и бодови, кои ќе играат улога во борбата за место на турнирот во конкуренција на најдобрите второпласирани репрезентации.

Атмосферата меѓу одбојкарите е позитивна, особено по убедливата победа над БиХ. Без разлика дека се работи за аутсајдер, бодовите на овие средби беа императив за нашата репрезентација. Тие ја остварија првата цел, а денес ќе играат против фаворитот во групата за да си го олеснат патот до Европското првенство.

Во составот нема да има промени, па Македонија со сите сили ќе ја нападне Турција со почеток од 18:00 часот.