„Весела математика“: Како одбојкарите може да обезбедат историско ЕП?

Македонската одбојкарска репрезентација се подготвува за последниот натпревар од квалификациите за Европското првенство (ЕП) против селекцијата на Унгарија и со евентуална победа, ќе мора да чека на резултати од други средби, за да се пласира првпат на едно големо натпреварување.

Сениорите мора со 3-0 во сетови да ја совладаат Унгарија во Скопје и притоа да чека епилог на уште две средби. Потребно ќе биде во меѓусебните мечеви Летонија да го совлада Израел, додека Шведска да слави над Азербејџан, со што ќе се формира круг од пет најдобро второпласирани репрезентации кои одат на ЕП, а Македонија ќе биде меѓу нив.

Натпреварот меѓу Македонија и Унгарија ќе се игра в среда во СРЦ „Кале“ од 20:15 часот, а до стартот на средбата можно е да бидат познати епилозите на средбите во Јелгава и Стокхолм, од кои зависи иднината на „црвено-жолтите“.