• Горан Упале
Одбојкарките на Вардар ЕМ испишаа историја, освојувајќи го првиот трофеј во својата кратка клупска историја! Во големото финале од женскиот Куп на Македонија, „црвено-црните“ одбојкарки приредија изненадување и против фаворизираниот тим на Наковски Волеј славеа со убедливи 3-0. По сетови беше 25-22, 25-12 и 25-22.
Бранителот на титулата и лидер во домашниот шампионат беше целосно надигран во вечерашното финале во „Јане Сандански“, а вардарки покажаа дека нивната макотрпна работа кога-тогаш ќе вроди со плод.
Капитенот на Вардар ЕМ Ана Јаничиќ беше прогласена и за најкорисен играч на Купот на ОФМ 2026 во женска конкуренција.
Дебитантот во финалните натпревари претходно во четвртфиналето славеше над Работнички, додека во полуфиналната средба го совлада тимот на Газели Волеј.