Вардарки покажаа моќ и лесно славеа во дербито со Универзитет во Тетово

Вардар жени и Работнички Скопје го презедоа врвот во двете групи од Првата македонска женска одбојкарска лига откако во четвртото коло ја прославија третата победа. Покрај нив, максимален биланс имаат и Јанта волеј Кисела вода и Струмица жени, но по два одиграни натпревара. Црвено-црните немаа проблеми во пресметката со Универзитет во Тетово иако на теренот истрчаа два непоразени тима до нивното саботно соочување. Резултатот е доволен показател за развојот на настаните којшто им одеше во прилог на конкурентите за учество во Втората фаза-1 напролет. Фит фан волеј го забележа вториот успех сезонава, овој пат се радуваше во мечот со Македонија Макс, а со тоа го надмина Универзитет и сега е на посакуваното трето место. Наковски волеј, кој беше слободен, остана втор поради поголем број освоени бодови од дебитантот во лигата Фит фан волеј. Значајна победа оствари и младиот состав на Јанта волеј Форца кој направи пресврт на гостувањето кај УГД Студент жени и првпат сезонава се најде на победничка страна откако ги загуби претходните три средби.

Епилогот на четвртото коло беше предвидлив и во групата Б, во кој ашто Работнички Скопје очекувано одигра кај Бами Кор и победи со 3-0, а со идентичен резултат Јанта волеј Кисела вода се радуваше во својата сала против Пелистер волеј, како и Струмица жени во градската пресметка со Виктори волеј. Победниците во оваа натпреварувачка рунда се дел од водечкото трио и се најсериозни кандидати за настап во главниот натпреварувачки сегмент напролет, во којшто ќе учествуваат првите три екоипи од двете групи во есенскиот дел. Работнички Скопје е лидер затоа што забележа победа повеќе од Јанта волеј Кисела вода и од Струмица жени, кои, исто така, имаат стопроцентен ефект, а по два триумфа остварија и Пелистер волеј и Наковски волеј, па математички гледано се уште имаат шанси да бидат меѓу најдобрите шест екипи сезонава. Ускана со 0-3 и Бами Кор со 0-4 досега ќе играат за пласман од 7. до 14. место.

А група (Четврто коло):
Вардар жени – Универзитет во Тетово 3-0 (25-8, 25-22, 25-18)
УГД Студент жени – Јанта волеј Форца 1-3 (25-23, 17-25, 18-25, 17-25)
Фит фан волеј – Македонија Макс 3-0 (25-20, 25-12, 25-21)
Слободен: Наковски волеј

Б група (Четврто коло):
Јанта волеј Кисела вода – Пелистер волеј 3-0 (25-17, 25-21, 25-17)
Бами Кор – Работнички Скопје 0-3 (16-25, 9-25, 14-25)
Струмица жени – Виктори волеј 3-0 (25-14, 25-20, 25-13)
Слободна: Ускана