Вардар засилен за европскиот двомеч во Словенија

Сите одбојкари и членови на стручниот штаб на Вардар се негативни на ковид-19, откако клубот ги доби резултатите од тестирањето кое беше организано во пресрет на европскиот настап против Калцит Камник.

Вардаровата експедиција утревечер тргнува на пат за Словенија, каде ќе го игра двомечот против прволигашот од оваа земја, во рамки на првото коло од Челинџ купот на ЦЕВ.

„Црвено-црните“ ќе бидат дополнително засилени за овој двомеч, откако беше постигнат договор со тимот да патува и Александар Милков, како и младата надеж на македонската одбојка, 17-годишниот Стојче Арсов од Пробиштип.

Натпреварите меѓу Камник и Вардар ќе се играат во вторник и среда, со почеток од 20:00 часот.