Вардар пак доби лекција од Камник и заврши со Челинџ купот

Македонскиот одбојкарски клуб Вардар повторно застана на првата пречка во Челинџ купот на ЦЕВ, затоа што го загуби и вториот дуел против словенечки Камник.

По првата чиста победа без загубен сет, Камник го преслика натпреварот и повторно славеше со 3-0 во сетови (25-16, 25-16, 25-17) над македонскиот претставник. Одличен беше Гасперини со 16 поени, а Кос и Јерончиќ имаа по девет.

Кај Вардар, најмногу се истакна Илиев со 11 поени, Шулахковски имаше шест, а Симовски и Лепидоловски завршија со по четири реализирани поени.

Ова е втора година како Вардар се сопнува на првата пречка во Челинџ купот, по ланската елиминација од Карловарско.