Вардар нема да се судри со Хаменлина, Финците не доаѓаат во Скопје!?

Женскиот одбојкарски клуб Вардар ја врати женската одбојка на мапата на Европа и се пријави за настап во Челинџ купот, но може да го скокне првото коло, затоа што финска Хаменлина се уште нема утврдено дали ќе допатува во Скопје.

Финците играат лигашки средби, но уште немаат донесено одлука околу натпреварот во Челинџ купот кој треба да се игра во Скопје. Причината е коронавирусот, а дека не се знае дали ќе се дојде во Македонија, потврди тренерот Матео Пентасуља во изјава за финските медиуми.

„Ако се мисли за ситуацијата со коронавирусот, исто е дали натпреварите ќе се играат таму или тука. Со почит кон ситуацијата со пандемијата, ќе одлучиме за ова во наредните денови, знаеме дека имаме уште еден месец до таа средба. Ова е тешка ситуација затоа што сакаме да играме во еврокуповите, ама истовремено мора да бидеме и паметни. Убаво ќе биде да собереме искуство на тие средби, ама ние сме млади, имаме време за уште европски натпревари во иднина. Мора да се замислиме дали сега е вистинското време да ги играме овие средби. Најважното нешто во моментов е здравјето“, изјави тренерот на Хаменлина.

Многу веројатно, проблем за спортистите е карантинот. Скандинавските земји налагаат 14-дневен карантин доколку нивни претставници допатуваат во Македонија која е на листата на „ризични земји“. Нешто слично забележавме и со Ферхан Хасани, кој не играше за Македонија против Грузија во Скопје, затоа што ако допатуваше во татковината, ќе мораше да оди во карантин кога ќе се врати во Хелсинки.

Натпреварот меѓу ЖОК Вардар и Хаменлина е предвиден на 12 ноември, додека вториот дуел е предвиден да се игра на 25 ноември во Финска.