Вардар не патува кај Камник, чека нови датуми за двомечот во ЦЕВ Купот

Одбојкарскиот клуб Вардар нема да патува во Словенија на двомеч со екипата на Калцит Камник, затоа што се појавија позитивни случаи на ковид-19 во таборот на ривалот во рамки на ЦЕВ Купот.

Двата клуба претходно постигнаа договор средбите да бидат одиграни на теренот на Камник, но словенечкиот претставник достави допис според кој не може да го организира двомечот поради позитивни случаи во играчкиот ростер и во стручниот штаб.

Камник во дописот остава можност дуелите да бидат презакажани за нов датум, а натпреварувачката комисија при ЦЕВ ќе мора во најскоро време да донесе конечна одлука, дали да одреди нови датуми или Вардар без борба да се пласира во следната рунда од европското натпреварување.

Претходно, слубежно во наредната фаза на Челинџ купот се пласира женската екипа на Вардар, која требаше да игра со Хаменлина од Финска, ама ривалот реши да се повлече поради ризикот од ковид-19.