Вардар лесно победи во Дебар, Џио Струмица голем фаворит против Шкендија

Со пресметката на непоразените Џио Струмица и Шкендија денеска ќе заврши четвртото коло во најсилната македонска машка одбојкарска конкуренција. Фактот што двете екипи досега остварија стопроцентен биланс му дава епитет дерби на натпреварот во којшто домашниот тим ќе влезе со желба да триумфира со максимални 3-0, притоа без да препушти повеќе од 77 поени, а со тоа да се врати на првото место на табелата. Во таков случај, поради подобар-поен количник, освојувачот на двојната круна кај нас ќе го потисне од врвот Универзитет во Тетово. Шкендија, пак, ја почна сезоната според најоптимистичките прогнози и во салата „Парк“ денес од 18:00 часот ќе истрча како третопласиран состав во Првата лига (мажи). Тетовскиот тим на претходните три меча загуби само еден сет, но доколку денеска биде поразена со 3-0, ќе се лизне за една позиција во полза на Вардар, но сепак ќе успее да се задржи во водечкиот квартет поради подобар сет-количник од ГОК Борец. Со оглед на обврските во Челенџ купот на ЦЕВ, како и Џио Струмица, варцарци подоцна настапија во оваа домашна натпреварувачка рунда во којашто очекувано ја потврдија фаворитската улога кај Дибра волеј со 38 загубени поени.

Кај дамите, во заостанатиот натпревар од првото коло во групата Б, Виктори волеј ќе го пречека Работнички Скопје, исто така, во дуел на две непоразени екипи, со таа разлика што струмичанки одиграа два, а одбојкарките од главниот град само еден меч. Домашниот тим во ова соочување ќе сервира од лидерската позиција, но нема да ја задржи доколку загуби од противникот којшто ја носи фаворитската улога. Тој епитет на хартија во реален резултат го претворија одбојкарките на Вардар жени против дебитантот во Првата лига, составот на Фит фан волеј, триумфираа убедливо со 3-0 и се доближија до врвот во групата А. Две победи имаат и Наковски волеј и Универзитет во Тетово, но вардарки остварија подобар сет-количник (6-0).

Прва лига (м) - четврто коло:
Џио Струмица – Шкендија (денес, 18:00)
Дибра волеј – Вардар 0-3 (15-25, 4-25, 19-25)

Прва лига (ж), група А - прво коло
Фит фан волеј – Вардар жени 0-3 (9:25, 12-25, 6-25)

Прва лига (ж), група Б - прво коло
Виктори волеј – Работнички Скопје (денес, 20:00)