Вардар доби убавица од Казахстан: Скопје за мене е како друг свет!

Ксенија Курјерова е најновото име во женскиот одбојкарски клуб Вардар. Одбојкарката која е родена во 1996 година и настапува на позицијата плејмејкер доаѓа од Иртиш Павлодар, а ги откри првите импресии за Скопје и за Македонија.

Во интервју за „Спорт“, таа истакна дека Скопје ѝ се допаѓа како град, нема големи проблеми со комуникацијата, а почнала да учи и македонски јазик за полесно да се адаптира во тимот.

„Скопје е убав и комотен град, мал ако се спореди со главниот град на Казахстан. Кога дојдов во Скопје доживеав многу емоции, како да сум во друг свет. Првото нешто што ме одушеви беше природата и климата. Полесно се дише. Архитектурата исто така ме одушеви, љубителите на историјата ќе уживаат во Скопје! Се плашев како ќе се адаптирам поради јазикот, ама комуницираме со микс од англиски, руски и македонски јазик. Учам и македонски јазик. Имав понуди од Грција, Чешка, Франција и Литванија, но трансферот во Македонија беше полесен за мене, затоа го одбрав Вардар. Со другите земји имав проблем со амбасадата затоа што беа затворени поради карантини. Во Вардар сум примена многу добро како странец. Разменуваме контакти, веќе сме пријатели“, изјави Курјерова.

Македонската женска одбојка почнува да се развива и да оди напред, а Вардар ќе ја претставува Македонија во Челинџ купот и ќе имаме женски претставник по долго време.