Вања Грбиќ за Gol.mk: Денес со децата работат најнеквалитетните луѓе!

Gol.mk ексклузивно интервју

Гостувањето на еден од најдобрите, најпопуларни и најатрактивни одбојкари во историјата, познатиот хуманитарец, славниот Србин, кој во Скопје одржа отворен демонстративен тренинг пред над 100 одбојкар(к)и привлече голем интерес во нашата јавност. Организатор на настанот беше ОК Јанта Волеј во Скопје, поточно неговиот основач и шеф на стручниот штаб Горан Јаневиќ - Јанта, поранешен одбојкарски сениорски репрезентативец на Македонија, е еден од најголемите спортски настани од осамостојувањето на Македонија.  

Грбиќ беше прогласен за најдобар одбојкар во Европа. Заедно со брат му Никола и со Бугаринот Златанов се единствени одбојкари од Балканот избрани за членови на светската куќа на славните (СКС) во Холиоке (САД). Браќата Грбиќ се единствени браќа што се членови во ова избрано друштво. Награден е за животно дело од Европската одбојкарска Федерација. Играше 23 години на три континента, од што 15 години беше репрезентативец. Со СР Југославија и Србија и Црна Гора освои 11 медали од Олимписките игри, Светските првенства, Европските првенства, Светската лига и Медитеранските игри.

Олимпискиот комитет на Југославија двапати го избра за најдобар спортист. Двапати ја доби и златната значка на спортскиот дневен весник „ЈСЛ Спорт“ за најдобар спортист на Југославија. Најдолго, 11 сезони, играше во Италија. Од 1992 до 2001 година, вкупно осум сезони, играше за четири клуба во Италија, при што со три клуба го освои Купот на ЦЕВ, а со четвртиот победи во Купот на куповите. Освоил четири титули државен првак и три национални Купа....

„За жал, со децата работат најнеквалитетните луѓе. Имате малку залуденици кои се снаоѓаат, борат и се обидуваат да ја исфинансираат програмата која нив им е суштинска љубов кон одбојката и работата со децата. Тие се многу малку, јас ги барам и препознавам во регионот и со нив соработувам. Јанта е еден од нив“, вели Грбиќ, кој беше познат по неговите снажни удари и прецизни пасови на теренот“.

Владимир Грбиќ е Генерален секретар на спортската комисија на Светската одбојкарска федерација (ФИВБ).

„Мојата мисија како член на оваа Комисија е токму пронаоѓање на најадекватни обрасци на работата со децата и нивна имплементација преку систем. Тоа го работам и кај мене на кампот и се обидувам да го работам со сите пријатели кои работат со децата, изјавува вистинстиот спортсмен кој има ретко квалитетен карактер“.

Разговара: Живко Здравковски

Докторант-асистент е на Факултетот за спорт и физичко воспитување во Белград, предава четврта година на студентите - идни професори по физичко воспитување. Реализира и практични часови во регионот. Држи камп (летен и зимски) кој оваа трета година ќе се одржи во Соко Бања. Тренингот беше практичен и презентација на она што се работи на кампот што ќе се одржи од 23 јуни до 28 јули, во пет смени. На кампот во претходните две години минаа околу 1.200 деца од преку 30 земји. Одличниот тренер, во неговата помлада одбојкарска историја втор пат беше во Македонија, по три години пауза.

„Тогаш бев гостин на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ), се одржа семинар пред околу 150 тренери, по што одржав практичен час пред одбојкарките на ОК Јанта Волеј. И годинава, на кампот во Соко Бања, ќе има учесници и од Македонија. Соко Бања е на некои максимум три часа од Скопје, што значи дека е многу поблиску и многу полесно да се дојде“, објаснува Грбиќ.

Македонија често имаше успеси во минатото, на клупски (во поранешната СФРЈ и по независноста, иако последниве години клубовите не играат во европските купови) и репрезентативен план. По вторите места во Европската лига (ЕЛ), сениорите се пласираа на Европското првенство (ЕП), кое ќе се одржи во 2019 година. Во група е со Словенија, која е домаќин на една од четирите групи, актуелниот првак Русија, Белорусија, Финска и Турција.

Со Грбиќ разговаравме за одбојката во Македонија, за да биде на повисоко ниво, за неговиот проект во кој е вклучена Македонија...

„Треба многу работа, уште желба и институции да ја поддржат одбојката во Македонија. Ќе организираме соработка преку ОФМ (никој не може да има подобра контрола од ОФМ), а ќе ја вклучиме и катедрата за одбојка односно Факултетот за физичко образование, спорт и здравје (ФФОСЗ), така што се оди во најдобра насока. Македонија има(ла) таленти, но, исто така, за децата многу зависи кој работи со нив. Прво мора да се работи со децата поради нивното здравје, општ развој како личности, оти ако само ја гледаме одбојката, тоа е само еден сегмент од нивниот живот. Децата треба да работат, растат, да се развиваат и да играат, а ние, без да им ја наметнеме одбојката, треба да им помогнеме да подобро да ја разберат и тоа да им биде јазик на комуникација.

Очекувам дека во Македонија, со оглед дека се квалификуваше за ЕП, што за мене е историски успех, покрај успехот во Европската лига, и инстутуциите ќе го препознаат големиот успех и во перспектива ќе го помогнат она што може да биде најдобра промоција на земјата, што навистина и е. Се надевам дека многу брзо ќе има не само повеќе финансии, туку повеќе квалитетни програма и работа, оти тоа обезбедува суштински континуитет во работата односно создавање на идни шампиони. Иницирав проект на прекугранична соработка помеѓу Скопје, Прокупље, Медвеѓе и Лепосавиќ. Партнер во името на Скопје е Горан Јаневиќ, кој е во контакт со Општина Кисела Вода, Општина со која ќе го покренеме проектот. Бевме на состанок и со Деканот на ФФОСЗ. И ФФОСЗ ќе биде вклучен во проектот бидејќи е многу важно и оваа научна институција да се грижи за здравјето на своите деца.

Идејата е низ организирана и квалитетна активност луѓето, кои се лиценцирани и знаат како треба да се работи, да работат по моја програма. Децата ќе ги следиме десет години со цел да помогнеме да се изгради сериозен систем во работата во овој и другите спортови, да вложиме во иднината на нашите деца. Досега повеќе соработував со ОФМ, не влегував премногу во клупска соработка. Со Јаневиќ соработувам, бидејќи веќе подолго време го подготвуваме овој проект. Очекувам, штом почнеме, полека сите да го применат овој начин на работа, да помогнат на македонската одбојка и на самите себе, да работат што е можно најквалитетно“, вели Грбиќ.

За прекуграничната соработка зборувавме и со организаторот на настанот Јаневиќ:

 „Ова е проект на Грбиќ, кој треба пред се да оди преку ОФМ (во соработка и со ФФОСЗ) оти ОФМ е најголем субјект во Македонија. Федерацијата ни посочи да учествуваме како клуб кој работи повеќе од десет години, квалитетно, имаме и машка и женска селекција. Ќе бидеме три години заедно, ќе работиме и тренираме по ист терк, со цел да видиме кој како и колку ќе напредува и за да се дружат, социјализираат децата и да нема разлики по ниту една основа. Ова ќе биде под супервизија на Грбиќ и негова стриктно дадена програма, по која ќе работиме идентично сите. Ќе има и заеднички тренинзи, кампови, натпревари, Ќе бидат опфатени преку сто деца од секој град, кои ќе се следат на секои три месеци кој, колку и како напредува“, рече Јаневиќ.

Со децата да не се работи поради пари е мотото кое го апострофира Владимир Грбиќ.

„Со децата, пред се, мора да работат луѓе на кои таквата работа им е мисија - заради децата. Не поради пари, туку поради квалитетот на остварување на нивниот потенцијал како личности. Без тоа мислам дека ни спортот ни општеството не можат да одат напред. Работата со децата исклучиво поради пари има само една сигурна иднина, а тоа е децата да престанат да се занимаваат со спорт и да имаме незадоволно опкружување. Ако работите квалитетно и градите на темелот на своите деца, тоа е нешто што може да трае, но тоа мора да го препознаат институциите, оти преку спортот најлесно може да се промовираат својата земја, град и спонзорот кој тоа го препознава. Тоа е она што недостасува во спортот во регионов за да се направи исчекор и да се вратиме на поранешното ниво“, истакнува Грбиќ.

Грбиќ, заедно со други трофејни светски, пред се поранешни, спортист(к)и, меѓу кои се и атлетичарот Боб Бимон, пливачот Мајкл Фелпс, гимнастичарката Надја Команечи, НБА кошаркари (Мутомбо, Драмонд, Лилард, Минг), фудбалери (Дрогба, Кафу, Лопетеги), многу други олимпијци, принцезата Шарлин од Монако, актерката Никол Шерцингер е светски амбасадор на Специјалната Олимпијада, признаена од Иитернационалниот Олимписки Комитет. Таа е најголема светска организација за деца и возрасни со интелектуални пречки, која овозможува тренинзи и, во годината, над 100.000 настани - натпревари на повеќе од пет милиони луѓе во 172 земји.

„Се трудиме да направиме што е можно повеќе можности за да нашите деца со интелектуална попреченост имаат адекватни пристап и развој како и сите други деца, интеракција со останатите деца, за да и другите деца можат да увидат колку нашите деца се среќни што воопшто имаат прилика да можат да играат или се натпреваруваат“, вели српската легенда.

Неговата каскадерска акција на Олимписките игри во Сиднеј – најубав поен во историјата

Грбиќ беше најоптоварен одбојкар во екипата: прво требаше да го прими противничкиот сервис, а потоа сам, неколку секунди подоцна, да биде перфектен во потполно нова улога – да го пробие бедемот на ривалот. За него немаше недостижна топка. Финалето во Сиднеј, во кое СР Југославија победи, го одбележа неговата каскадерска акција. Ги прескокна рекламите за да ја спаси топката која одеше кон трибините, а потоа се врати и со блок донесе важен поен на репрезентацијата на Југославија.

Неговиот сервис ги промени одбојкарските правила: 

„Македонија има шанси да се пласира во вториот круг на ЕП 2019“

Огромен успех е ова. Самиот пласман меѓу 24 земји е нешто од посебно значење. Словенија веќе играше во финале на Европско првенство, така што мислам дека апсолутно сите опции се можни и Македонија има шанси да се пласира во вториот круг во кој ќе одат првите репрезентации од сите четири групи.

„За да се биде добар одбојкар(ка) најважна е желбата и страста“

Најважно да се стане добар одбојкар(ка) е желбата и страста. Само тоа, ништо друго. Систематската работа и работата со добро едуцирани тренери за развој, помага да се канализира да никој не се повреди односно децата да можат да се најдат себеси таму каде што им е местото, односно да не им се пречи на талентите да стигнат таму каде треба, децата да научат да пишуваат и читаат на одбојкарскиот терен.

„Одбојката сега е многу повеќе физичка“

Има разлика помеѓу одбојката во времето додека играв и сега. Сега е таа многу повеќе физичка. Порано беше многу повеќе техничка. Тоа малку ми недостига, но и тоа мошне брзо ќе го промениме, анализира поранешниот легендарен одбојкар.